ПРВА КНИГА МОЈСЕЕВА
ТРЕТА ГЛАВА
1. Змијата беше полукава од сите полски животни, што Господ, Бог, ги направи. Таа и рече на жената:„Вистина ли е дека Бог рекол, - не ќе јадете од ниедно дрво во градината?“
2. Жената и рече на змијата:„Смееме да јадеме плод од дрвата во градината.
3. Само за плодот на дрвото што е среде градината Бог рече:„Не јадете од него! И не допирајте го, за да не умрете!“
4. А змијата и рече на жената:„Навистина, не ќе умрете!
5. Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото“
6. Жената виде дека дрвото е добро за јадење, пријатно за очите и дрво пожелно за да се постане мудар: набра од неговиот плод и го јаде. Му даде и на својот маж, кој беше со неа, па и тој јадеше.
7. Тогаш на двајцата им се отворија очите, и согледаа дека се голи. Сплетоа смоквини лисја и си направија прегачи.
8. Тогаш го чуја гласот на Господа, Бога, Кој шеташе горе-долу во градината за време на денскиот ветрец. И се сокрија-човекот и неговата жена-пред Господа, Бога, меѓу дрвјата во градината.
9. Господ, Бог, го повика човекот и му рече:„Каде си?“
10. Тој одговори:„Го чув Твојот глас во градината, се исплашив, зашто сум гол, и се сокрив.“
11. Тогаш му рече:„Кој ти кажал дека си гол? Да не си јал од дрвото, за кое ти заповедав да не јадеш?
12. Човекот рече:„Жената, која Ти ми ја даде со мене, таа ми даде од дрвото, па јадев.“
13. Господ, Бог, и рече на жената:„Што е тоа што го стори?“ „Змијата ме измами, па јадов“-рече жената.
14. Тогаш Господ, Бог, и рече на змијата:„Бидејќи го направи тоа, проклета да си меѓу сите ѕверови и меѓу секое полско животно! По мевот ќе се влечеш и прав ќе јадеш сите денови на својот живот!
15. Јас ќе поставам непријателство меѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и нејзиното семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе му ја сотруваш петицата“:
16. А на жената и рече:„Ќе ти ги умножам многу маките на твојата бременост, во маки ќе ги раѓаш децата. Твојот копнеж ќе биде кон мажот твој, а тој ќе владее над тебе“.
17. А на човекот му рече:„Затоа што го послуша гласот на својата жена, та јадеше од дрвото за кое ти заповедав велејќи:„Не ќе јадеш од него! Земјата ќе е проклета заради тебе: во мака ќе се храниш од неа сите денови на својот живот!
18. Ќе ти раѓа трње и троскот, а ти ќе јадеш полски растенија.
19. Со пот на своето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата, зашто од неа беше земен - прав си, и во прав ќе се вратиш“.
20. Човекот и го даде името Ева на својата жена, зашто таа стана мајка на сите живи.
21. И Господ, им направи облеки од кожи на човекот и на неговата жена, и ги облече.
22. И Господ, Бог, рече:„Еве човекот стана како еден од Нас, знаејќи го доброто и злото. Да не ја испружи сега раката, и да набере од дрвото на животот па да јаде и да живее вечно“.
23. Затоа Господ, Бог, го испрати надвор од Еденската Градина, за да ја обработува земјата, од која е и земен.
24. И го истера човекот, и насели источно од Еденската Градина, херувими со пламенен меч, кој се вртеше околу, за да го штитат патот, кон дрвото на животот.