За потребите на предметот Запознавање на религиите

За потребите на предметот Запознавање на религиите

Sunday, September 27, 2015

КРСТОВДЕН (ВОЗДВИЖЕНИЕ НА ЧЕСНИОТ КРСТ)



                           На  овој  ден  се  празнуваат  два  настани  поврзани  со  Чесниот  Крст: прво, пронаоѓањето  на  Чесниот  Крст  на  Голгота (ридот  на  кој  бил  распнат  Исус  Христос), и второ, враќањето  на  Чесниот  Крст  од  Персија  во  Ерусалим. Обиколувајќи  ја  Светата  земја  Св. царица  Елена намислила  да  го  побара  Чесниот  Крст  на  Христос. Некој  старец  Евреин, по  име  Јуда, единствен  знаел  каде  се  наоѓал  Крстот, па принуден  од  царицата  кажал  дека  Крстот  е  закопан  под  храмот  на  Венера, којшто  на  Голгота  го  подигнал  царот Адријан. Царицата  наредила  да  се  разурне  храмот, па  копајќи  во  длабочина  нашле  три  крста. Додека  царицата  била  во  недоумие  како  да  го  распознае  Христовиот  крст, покрај  местото  поминувала  поворка  со  мртовец. Тогаш  ги  положиле  крстовите  редум  врз  мртовецот. А  кога  го  ставиле  врз  него  третиот   крст, покојникот  оживеал. По  тоа  познале  дека  тоа  е  вистинскиот  Христов  крст, чесен  и  животворен. Царицата  Елена  направила  ковчег  од  сребро  и  во  него  го  положила  Чесниот  крст.
                   Подоцна, царот  Хозрој  го  зазел  Ерусалим, многумина  одвел  во  ропство, а  Крстот  Господов  го однел  во  Персија. Таму  Крстот  бил  четиринаесет  години. Во  628  година  царот  Ираклиј  го  победил  Хозрој  и  со  слава  го  вратил  Крстот  во  Ерусалим. Кога  влегувал  во  градот Царот  Ираклиј  го  носел  Крстот  на  плеќите. Но, одеднаш  застанал  и  не  можел  да  зачекори  ни  чекор. Патријархот  Захариј  видел  ангел  кој  му  попречувал  на  царот  во  раскошни  облеки  да  оди  под  Крстот, по  оној  пат  по  којшто  Господ  одеше  бос  и  понижен. Тоа  видение  патријархот  му  го  објавил  на  царот. Тогаш  царот  се  соблекол, па  босоног  и  во  бедна  облека  го  зел  Крстот, го  изнесол  на  Голгота  и  го  положил  во  храмот   на  Воскресението, на  радост  и  за  утеха  на  целиот  христијански  свет.  

No comments:

Post a Comment