За потребите на предметот Запознавање на религиите

За потребите на предметот Запознавање на религиите

Sunday, September 27, 2015

КРСТОВДЕН (ВОЗДВИЖЕНИЕ НА ЧЕСНИОТ КРСТ)



                           На  овој  ден  се  празнуваат  два  настани  поврзани  со  Чесниот  Крст: прво, пронаоѓањето  на  Чесниот  Крст  на  Голгота (ридот  на  кој  бил  распнат  Исус  Христос), и второ, враќањето  на  Чесниот  Крст  од  Персија  во  Ерусалим. Обиколувајќи  ја  Светата  земја  Св. царица  Елена намислила  да  го  побара  Чесниот  Крст  на  Христос. Некој  старец  Евреин, по  име  Јуда, единствен  знаел  каде  се  наоѓал  Крстот, па принуден  од  царицата  кажал  дека  Крстот  е  закопан  под  храмот  на  Венера, којшто  на  Голгота  го  подигнал  царот Адријан. Царицата  наредила  да  се  разурне  храмот, па  копајќи  во  длабочина  нашле  три  крста. Додека  царицата  била  во  недоумие  како  да  го  распознае  Христовиот  крст, покрај  местото  поминувала  поворка  со  мртовец. Тогаш  ги  положиле  крстовите  редум  врз  мртовецот. А  кога  го  ставиле  врз  него  третиот   крст, покојникот  оживеал. По  тоа  познале  дека  тоа  е  вистинскиот  Христов  крст, чесен  и  животворен. Царицата  Елена  направила  ковчег  од  сребро  и  во  него  го  положила  Чесниот  крст.
                   Подоцна, царот  Хозрој  го  зазел  Ерусалим, многумина  одвел  во  ропство, а  Крстот  Господов  го однел  во  Персија. Таму  Крстот  бил  четиринаесет  години. Во  628  година  царот  Ираклиј  го  победил  Хозрој  и  со  слава  го  вратил  Крстот  во  Ерусалим. Кога  влегувал  во  градот Царот  Ираклиј  го  носел  Крстот  на  плеќите. Но, одеднаш  застанал  и  не  можел  да  зачекори  ни  чекор. Патријархот  Захариј  видел  ангел  кој  му  попречувал  на  царот  во  раскошни  облеки  да  оди  под  Крстот, по  оној  пат  по  којшто  Господ  одеше  бос  и  понижен. Тоа  видение  патријархот  му  го  објавил  на  царот. Тогаш  царот  се  соблекол, па  босоног  и  во  бедна  облека  го  зел  Крстот, го  изнесол  на  Голгота  и  го  положил  во  храмот   на  Воскресението, на  радост  и  за  утеха  на  целиот  христијански  свет.  

Thursday, September 24, 2015

КУРБАН БАЈРАМ



                 Со  празникот  Курбан  Бајрам  се  прославува  послушноста  на  Ибрахим  кон  Аллах, симболизирана  преку  настанот  кога  тој  прифаќа  да  го  жртвува  својот  син  Исмаил, по  Божја  заповед, со  цел  да  ја  покаже  својата  љубов  и  вера.
                    Имено, Ибрахим  и  неговата  сопруга  седум  години  немале  деца. Потоа  сопругата  седум  години  се  молела  на  Бога  и  рекла  дека  ако  имаат  еден  син, откако  ќе  наполни  седум  години  ќе  го  жртвува.
                    Кога  Ибрахим  и  неговата  сопруга  остареле, за  чудо  добиле  син. Кога  синот  наполнил  седум  години, на  Ибрахим  му  се  сонило  да  го  жртвува  синот.
                  Утредента  кога  требало  да  го  жртвуваат  синот, во  последен  момент Аллах, преку  ангелот  Џибраил, испратил  овен  да  се  жртвува  наместо  детето.
                  Во  спомен  на  целосното  потчинување  на  Ибрахим  кон  Бога, муслиманските  семејства жртвуваат  овен  или  овца, но  понекогаш  и  други  животни  како  крави  или  кози.
                         Прославата  на  Курбан  Бајрам  трае  три  дена. Првиот  ден  е  најважен, бидејќи  мажите  одат  во  џамија  и  се  молат. Потоа  тие  жртвуваат  овен  или   овца. Го  сечат  животното  на  три  дела: првиот  се  дава  на  сиромашни  луѓе, за  да  имаат  храна  на  овој  голем  ден, вториот  е  за  пријателите  и  соседите, а  третиот  е  е  за  човекот  кој  ја  принесува  жртвата  и  за  неговото  семејство. Потоа одат  на  гробишта  да  ги  посетат  починатите  претци  и  блиски  членови  на  семејството  и  да  се  молат  во  нивно  име. Прославата  се  одвива  во  домот  на  најстарата  личност  во  семејството, а  луѓето  исто  така  одат  во  посета  во  домот  на  други, за  да  им  посакаат  здравје  и  среќа.

Monday, September 21, 2015

Материјални остатоци од палеолит и неолит (старо и младо камено време)

                    Религиозни  верувања  постојат  откако  постои  самиот  човек.
             За  верувањата  на  човекот  од  камено  време  дознаваме  од  материјалните  остатоци  од  тој  период.

ЅИДНИ СЛИКИ ВО ПЕШТЕРИ

                  Уметничките дела кои најмногу ни откриваат за палеолитот (старо камено време) се сликите на ѕидовите во пештерите. Најмногу ги има во јужна Франција и во северна Шпанија. Најславните и најмногубројните пештерски слики потекнуваат од периодот од 15.000 до 11.000 г.пр.н.е. Од тој период се најпознати пештерите Ласко во Дордоњ (Франција) и Алтамира во северна Шпанија.




 Цртеж на бизон во пештерата                                      Цртеж на тур, коњ и елен во
    Алтамира (Шпанија)                                                 пештерата Ласко (Франција)

Забелешка: Тур е изумрен вид диво говедо.

                   Цртежите на животните се поврзани со ритуалите и магијата на ловот. Ловот бил главно занимање на палеолитскиот човек, кој верувал дека самото прикажување на животните е доволно за да фати животно.
На некои од цртежите се претставени животни прободени од стрели или со рани од нив. Тоа е уште еден пример за верувањата на луѓето од палеолитот. Првите ловци, цртајќи животно во кое биле вперени стрели или животно кое било рането, верувале дека таквата постапка ќе им обезбеди успех во ловот.

МЕГАЛИТСКИ СПОМЕНИЦИ

                   Пред крајот на периодот на неолитот (младо камено време) во Европа се поставувани конструкции направени од големи камени блокови, т.е. мегалити.
Забелешка: зборот мегалит потекнува од старогрчките зборови μέγας (мегас) голем и λίθος (литхос) – камен.
Можеби повеќето од нив имале погребен карактер: упадливи гробници (долмени) направени од големи рамни камени блокови потпрени во вертикална положба и гробови во форма на ходници на островите и крајбрежјето на Средоземјето и во западна Европа.
Сепак, крај мегалитските гробници се пронајдени и големи камења, т.е. менхири, наредениво определена формација.

                                Мегалитска гробница  (долмен) – Сицилија


Некои големи конструкции како камените градби на Малта, очигледно дека биле храмови.Таму пронајдените статуетки од варовник прикажуваат реалистични човечки облици, кои  можеби ги претставуваат боговите и  божиците и нивните свештеници. 

                                     Мегалитскиот храм Мнајдра - Малта


                Други мегалитски градби имале астрономска улога. Помагале за определување на календарот и за земјоделскиот период од годината. На пример, Стоунхенџ во Англија се состои од големи камени блокови наредени во круг. Некои од нив во средината на летото се совпаѓаат со изгрејсонцето. Стоунхенџ бил и место на обожавање на боговите  и божиците на плодноста.


                                                  Стоунхенџ - Англија 


СТАТУЕТКИ – ИДОЛИ

              Во палеолитот почнале да се појавуваат статуетките на „Венера“ изработени од коска, слонова коска и камен. Пронајдени се на подрачјето од Франција до источен Сибир, а најпозната е Вилендорфската Венера од Австрија. Намената на овие „Венери“ била да ги претставуваат божествата на плодноста, растот и родноста. Овде првпат имаме вистински претставник на божество, Божица Мајка замислена како една или како многу од нив.


                   Вилендорфска Венера  датира приближно од  20.000 г. пр.н.е.


          Фактот што се пронајдени поголем број женски статуетки покажува дека жената имала повозвишена положба , а со тоа и Божицата Мајка како божица на земјата, плодноста и вегетацијата.


                  Венера од Брасенпу (Франција) изработена од мамутска коска
                                     датира приближно од 25.000г. пр.н.е.



ГРОБНИЦИ


                                         Затворен камен гроб (Шкотска)


             Надвор од местата каде што живееле луѓето во камено време пронајдени се гробишта. Покрај остатоци од скелети во гробниците се пронајдени и погребни дарови како: ѓердани, школки, прибор во форма на чешли од слонова коска и статуетки на жени што веројатно ги симболизирале слугите за во следниот живот или божиците – заштитнички.
Даровите биле оставани во гробниците бидејќи се верувало дека ќе им бидат потребни на мртвите во следниот живот. Тоа е доказ дека луѓето од камено време верувале во задгробен живот. Во неолитот (младо камено време) била вообичаена инхумацијата (закопување). Телото се положувало во земја како зрно за да може повторно да воскресне во друг свет. Пред крајот на неолитот имало случаи на кремирање (спалување).


ХРАМОВИ

              Во времето на неолитот (младо камено време) дошло до создавање на некој облик на свештенство, а храмовите од дрво, камен и од глина станале пораспространети. Повремените места за жртвување се заменети со големи градби наменети за божја служба.
Таму имало олтари, садови, гравирани предмети, статуетки изработени од глина.
Забелешка: Олтар – место за принесување жртви во чест на боговите.


                                            Храмот Џгантија 2 на Малта

                  Пред крајот на неолитот храмови се граделе од големи камени блокови – мегалити. Голем број мегалитски храмови се пронајдени на територијата на Малта. Тие се вбројуваат во најстарите градби од овој тип во светот. Овие храмови биле градени во различни временски периоди. Храмот  Џгантија е најстар од сите. За време на
неолитот биле изградени два Џгантија храма во периодот (3600 – 2500 г. пр.н.е.) кои се постари од пирамидите од Египет.



                                    Влезот во храмот Хагар Квим - Малта 

Рожденство на Пресвета Богородица (Мала Богородица)


             Пресвета  Дева  Марија  се  родила  од  нејзините  родители, Јоаким  и  Ана.
                 Тие  биле  веќе  остарени, а  немале  деца, и  затоа  биле  посрамени  пред  луѓето, и  со  плач  го  молеле  Бога  да  ги  израдува  со  едно  чедо. И  семоќниот  Бог  Којшто  гледа  се  ги  израдувал  со  радост  што  ги  надминала  сите  нивни  очекувања. Бидејќи  им  подарил  не  само  ќерка  туку  и  Божја  Мајка; ги  благословил  не  само  со  привремена  радост  туку  и  со  вечна. 
                    Дева  Марија  е  родена  во  Назарет, а  по  три  години  родителите  ја  одвеле  во  храмот  ерусалимски  за  да  ја  посветат  на  Бога, каде  била  воспитувана  додека  не  навршила  полнолетство. Оттука  подоцна  повторно  се  вратила  во  Назарет, за  наскоро  да  ја  чуе  благовеста  (убавата/блага  вест)  од  Светиот  Архангел  Гавриил (ангелот  Габриел)  за  раѓањето  на  Синот  Божји  и  Спасителот  на  светот.

Thursday, September 10, 2015

Политеизам

Политеистички  религии

       Политеистички  религии  се  религиите  во  кои  се  верува  во  повеќе  богови. Религиите  на  старите  народи  се  политеистички.

Стар  Египет


 Анубис  е  претставен  со  глава  на  диво  куче. Бил  бог  на  погребите  и  смртта  и  неговиот  лик  често  е  насликан  на  ѕидовите  од  гробниците, бидејќи  се  сметал  за  заштитник  на  мртвите. Анубис  бил  и  бог  на  мумифицирањето


         




Хорус е  претставен  со  глава  на  сокол  и  е  небесен  бог. Бил  син  на  Озирис  и  Изида. Се  верувало  дека  им  дава  сила  на  фараоните



Бастет   е  претставена  со  глава  на  мачка. Таа  е  божица  на  мачките, заштитничка  на  жените  и  децата. Старите  Египќани  верувале  дека  мачките  се  свети  животни, бидејќи  ги  убивале  стаорците  и  глувците  кои  го  јаделе  житото  и  предизвикувале  болести  



Бес   е  џуџест  бог  со  човечки  лик  кој  носел  лавовска  кожа. Ги  заштитувал  жените  при  пораѓај, како  и  децата  и  семејството  од  негативни  влијанија




Изида  била  жена  на  Озирис  и  мајка  на  Хорус. Таа  го  оживеала  Озирис, откако  тој  бил  убиен  од  Сет. Била  божица  на  мајчинството  и  љубовта



Озирис е  претставен  со  човечки  лик. Бил  убиен  од  неговиот  брат  Сет, кој  му  бил  љубоморен  и  сакал  да  го  заземе  неговото  место  како  крал. Озирис  бил  бог  на  подземниот  свет



Ра  е  претставен  со  сонце  врз  неговата  глава. Бил  бог  на  создавањето. Старите  Египќани  верувале  дека  тој  го  создал  светот





Секмет  е  претставена  со  глава  на  лав. Таа  била  божица  на  медицината  и  на  војната.



Сет  бил  бог  на  хаосот. Го  убил  својот  брат  Озирис  и  му  го  ископал  окото  на  Хорус.



Тот  бил  бог  на  мудроста  и  пишувањето. Тој  и  помогнал  на  Изида  да  го  оживее  Озирис.


Стари  Словени


Дажбог  бил  бог  на  сонцето


Јарило  бил  бог  на  војната, вегетацијата, плодноста  и  пролетта



Лада  била  божица  на  љубовта  и  бракот



Морана  била  божица  на  жетвата, зимата  и  смртта



Перун  бог  громовник



Сварог  бил  бог  на  огнот



Световид  бил  бог  на  плодноста  и  изобилството





Зосија  била  божица  на  убавината



Велес  бил  бог  на  земјата, водите  и  подземниот  свет


Нордиски  богови


Один  врховен  бог, бог  на  војната, мудроста, поезијата  и  магијата



Локи  бог  на  пакоста, на  злобата



Фриг  била  божица  на  бракот  и  мајчинството, сопруга  на  Один



Фреја  била  божица  на  љубовта  и  плодноста



Тор бог  на  громот, син  на  Один



Балдур  бил  бог  на  убавината, невиноста  и  мирот. Бил  убиен  од  Локи.